070-641-998 / 070-317-740 / 070-351-898

Истражи ја природата

Шарски Води 2016

Традиционално по 9-ти пат на 26 Јуни 2016 год. се одржа Меѓународниот Велосипедски Маратон “Шарски Води 2016” во организација на ДПС “Трансверзалец” - Скопје. Традиционално и оваа година последниот викенд од месец Јуни беше резервиран за незаборавната велосипедска авантура по падините на Шар Планина, по трасата на Шарски Води, со старт од Попова Шапка и цел во с.Вруток. Велосипедскиот маратон го носи називот Шарски Води токму поради трасата на движење која поминува по доводот “Шарски Води”, мрежа на канали кои ги собираат водите од Шар Планина. Во рамки на организацијата беше обезбеден организиран превоз од Скопје до Попова Шапка и назад од с. Вруток до Скопје со два автобуса и еден камион. Стартот започна со 30 минути задоцнување во 8 ч. На Велосипедски Маратон “Шарски Води 2016” стартуваа 141 учесник а успешно го завршија 138. Патеката беше обезбедена со 3 џипови во кои имаше сервисери за велосипеди и лекар. По должина на трасата беа поставени Контролни пунктови за освежување со пијалоци и магнезиум. На целта сите учесници закрепнуваа со гравче и салата. Маратонската траса за 2016 година се одвиваше со мала промена и беше подолга за 8 км од минатите години. Стартот на маратонот беше поставен на паркингот под планинарскот дом Смрека за разлика од претходните години кога Стартот беше пред планинарскиот дом Смрека. Измената во трасата беше во дополнителните 8 км возење низ населбата Попова Шапка и околу врвот Попова Шапка кон Јелак. Патеката потоа продолжува под врвот Церипашина, Антени, месноста Вакаф, Карабунар каде се врти лево кај кт.1. Оттука започна спустот со должина од 3.6 км и висинска разлика од 750 м. Спустот е прекрасен и адреналински, полн со предизвици, единствен поглед кон врвот Бориславец 2675м, Полог и речиси половина Македонија. Следува големиот тунел со неколку вирови од вода, тунелот не е осветлен па се вози во темница, кој нема батерија има чуство дека се вози со чамец. Од тунелот се излегува на безброј лединки со шарпланински диви јагоди и десетина водостани со слапови и мали каскади. Некаде при крајот не маратонот учесниците ги освежи краткиот пороен дожд кај с.Горно Јеловце, дождот олади во вистинскиот момент па полесно го искачија сифонот. На контролната точка бр.4 е делењето на малиот и големиот маратон. Големиот маратон 98 км + 8км околу Попова Шапка прерасна во 106км. Прв го поминаа Роберт Ридзевски од Полска за 7ч и 5мин. Малиот маратон од 75км + 8км околу Попова Шапка прерасна во 83км. Во женска конкуренција прва го помина Даниела Митреска за 7ч и 25мин, додека во машка конкуренција прв пристигна Сашо Јуруков со 5ч и 38 мин. Честитки до сите учесници кои беа дел од Меѓународниот Велосипедски Маратон “Шарски Води 2016”. Следува “Шарски Води 2017”, најавуваме ново велосипедско уживање за 25 Јуни 2017 година.

85 фотографии


Сакаш да посетиш вакви места ? Ајде да планинариме заедно