070-641-998 / 070-317-740 / 070-351-898

Најава за акција

02 Dec

Врв 3/12: Тепе на Буковиќ (1528 мнв)   December 02, 2018 Планинарство

img

На почетокот на декември одиме на занимлива лесна тура со посета на природни реткости искачувајќи го врвот Тепе висок 1528 метри надморска височина на планината Буковиќ во западниот дел на Македонија. Се движиме низ предел со букови и брезови шуми, тревнато планинско било со вртачи, а ќе ја посетиме и големата пештера Убавица која во својата убава внатрешност има водопад и водотек на бистра и студена вода!

Трансверзална тура: превој СТРАЖА - врв ТЕПЕ (1528 м.н.в.) - с. ГОРНА ЃОНОВИЦА - пештера УБАВИЦА

Патека на движење: превој Стража (1212 м.н.в.) - гребен Крастица (1367 м.н.в.) - врв Тепе (1528 м.н.в.) - дол Вргички Присој - Поилиште - траса на теснолинејката пруга на вовчето „Ќиро“ - село Горна Ѓоновица (840 м.н.в.) - пештера Убавица (800 м.) - Рибник (730 м.) - Ѓоновички мост (650 м.н.в.) 

Должина: 16,6 километри

Вкупно времетраење: 7 часа (2,5 часа качување - 4 часа слегување - 0,5 часа посета на пештерата Убавица)

Тежина: средна

Вода: 1 соѕидана чешма кај поранешната жел. станица на теснолинејката над селото Г. Ѓоновица; продавница и бензинска пумпа на превојот Стража, Рибник под Г. Ѓоновица

Поаѓање од Скопје (02.12.2018): 05:30 h од паркингот на Пошта 2 (Железничка/Транспортен Центар). 

Цена: 600 денари (500 денари превоз + 100 денари учество во предизвикот)

Можност за печена риба на скара и освежителни пијалоци, чај, пиво во Рибникот, за што е потребна најава пред тргнување, за да може се знае точна бројка и навремена подготовка на рибите.

Пријавување (за целосно сигурно одење) најдоцна до петок 30.11.2018 во 17 часот, на Марио Шаревски - 071 216 066, Верица Тодоровска - 078 323 661 и Лимонка Тасева - 071 591 260 или во порака на facebook страницата на Планинарски предизвик „12 Врвови“ задолжително со име и презиме и оставен ваш телефонски број за контакт (доколку сте целосно сигурни дека доаѓате).

УПАТСТВА:

- Тежината на патеката е средна и се препорачува и за напредни почетници кои можат да издржат подолго пешачење (не се искачува голема стрмнина, но на тревнатото било околу врвот има каменести предели и раздробени карпи - шкрапи на кои треба внимателно да се чекори поради опасност од падови и превиткување на зглобови, глуждови) 

- Временските услови за овој предел најавуваат постудено време со можни врнежи од дожд и слаб снег од 19 - 20.11. (http://www.meteox.com/forecast/macedonia/gorna-gjonovica/weather.aspx?redir=1&naam=Gorna%20Gjonovica&direct=1&view=Hour&lat=41.7086&lon=20.9081&p=6&c=macedonia) заради што задолжително носење на потопла облека соодветна на зимски и доцни есенски услови: подебела и потопла јакна (или polar) со заштита од врнежи, блузон, капа, ракавици, добро разгазени планинарски чевли високи до глужд, резервна маица. 

- За влез во пештерата Убавица: Ходниците на пештерата Убавица се достаточно високи и широки за исправено одење на повеќе луѓе, и во само мал дел има клекнување. Нема потреба од ползење и провирање, заради што нема потреба од носење на шлемови, јажиња и посебна опрема (до подземниот водотек), но потребно (и задолжително) е доста внимателно движење помеѓу пештерските ходници, таваници, пештерски украси (сталактити и сталагмити). Препорачливо носење на челна ламба и батерија за осветлување. 

- Мобилните телефони да бидат со полни батерии (најмалку 95%)

- Храна од ранец за време на турите (сендвичи, суво овошје, чоколадо и житни плочки, најмалку 1,5 литар вода)

Поради големата оддалеченост од почетната и крајната точка на турата околу 40 км. помеѓу превојот Стража и мостот пред селото Горна Ѓоновица, доаѓањето со сопствен превоз е доста отежнато и потешко изводливо. Доколку се одлучат учесници за одење со свој превоз, се молат сите останати учесници и посетители кои ќе одат со сопствен превоз, да уплатат учество во акцијата од 100 денари (кои ќе се искористат за: изработување на значките и обезбедување на наградите за предизвикот „12 Врвови“, организирање голема 2 дневна забава на крајот на предизвикот, печатење маици, бележење и маркирање на планинарските патеки по кои ги искачуваме врвовите).

Facebook Event


ПРЕБАРАЈ АКЦИИ

Статус на акции

  • Идна акција
  • Тековна акција
  • Измнината акција