3-221-350

Блог

За називите на врвовите на планинскиот масив Челоица-Песјак

Природа April 30, 2017
img

Соочувајќи се со повеќе нејаснотии, како и недоволната информираност во однос на именувањето на врвовите на планинскиот масив Челоица-Песјак, овој текст произлезе со цел да се разјаснат називите на четирите највисоки точки на споменатиот планински масив, којшто сѐ уште не го добил заслуженото внимание од страна на истражувачите, планинарите, авантуристите и љубителите на планините и природата, воопшто. Веригата Челоица-Песјак има правец на протегање север-југ и претставува природна граница на Кичевското Поле и Поречијата. 

Во книгата „Материјали по изучувањето на Македонија” на Ѓорче Петров издадена во 1896 г., македонскиот револуционер и патеписец запишува: „Челоица има четири издигнати, тапи на изглед, во вид на врвови. Почетниот и највисокиот се нарекува Ќафа, средниот најнискиот – Кула и четвртиот – крајниот – Песјак. Третиот се нарекува Орел. Тие врвови ја делат веригата на 3 дела или пресеки со одделни називи. Билото од Ќафа до Кула се нарекува Белези Планина, од Кула до Орел – Челоица, а оттука до источниот крај – Песјак, истоимено со крајниот врв” [1]. Појавите од овој тип, употреба на еден назив за именување и на врвот и на планината, во топонимијата се доста чести. Од сите називи употребени погоре, Ѓ. Петров го издвојува Челоица како попознат и затоа со него ја нарекува целата верига. 

Почетниот, т.е. најсеверниот врв на масивот, погоре запишан како Ќафа, во топографските карти е забележан под името Добра Вода. Потеклото на овој топоним, веројатно, доаѓа од истоимениот извор којшто се наоѓа на североисточните падини на планината. Кај локалното население (и македонско и албанско) називот Добра Вода се употребува за именување на врвот, но и на целиот планински венец којшто се поврзува со Сува Гора на север. Името Ќафа, пак, било дадено според истоименото село кое се наоѓа на западните падини на планината. Според кажувањата на локалците, називот Ќафа, од албански јазик со значење „врат”, го дале жителите на гостиварското село Падалиште, поради поставеноста на населбата во однос на врвот. Во минатото селото Ќафа претставувало дел, т.е. маало на селото Папрадиште. Впрочем, атарите на овие села биле разделени по 1918 година [2]. Со своите 2061 метар надморска височина, Добра Вода претставува највисока точка на масивот. Потегот јужно од Добра Вода сѐ до Туинското Кале се нарекува Белези Планина. Под ова име е забележан и во топографските карти.  

Група планинари на Добра ВодаГрупа планинари на Добра Вода

Второто поизразито возвишение на масивот Челоица-Песјак според правецот на
протегање од север кон југ, кај Ѓорче Петров го среќаваме под името Кула. Меѓутоа, овој назив кај локалното население не се однесува на именувањето на овој врв, туку на соседниот – третиот по ред според правецот на протегање. Во топографските карти овој врв е забележан под топонимот Старци и е означен со 1897 метри надморска височина. Тоа го прави трета, а не четврта највисока точка на масивот како што е забележано во „Материјалите...”. Секако, во времето кога e објавена книгата не биле изведувани прецизни мерења за да се утврди точната надморска височина. Интересно е да се спомене дека со топонимот Старци се именува и гребенот од североисточната страна на врвот, северозападно од поречките села Горно и Долно Крушје. Називот Челоица, којшто се употребува за именување на целиот планински масив, најпрво го носел само гребенот, т.е. билото од западната страна на врвот Старци. Несомнено е дека овој топоним има словенско потекло, а бил добиен веројатно поради истакнатоста, т.е. ликот на самиот гребен како соодветниот дел од главата на човекот. 

Третото изразито возвишение, јужно од врвот Старци, во „Материјалите...” на Ѓорче Петров запишано како Орел, е оној врв што кај народот е познат под името Кула. Впрочем, локалното население од селата на ‘Рбетинска Река со тоа име ги нарекува и врвот и планината. Но, во топографските карти овој врв го среќаваме под називот Јошков Камен. Објаснението за тоа го најдовме во книгата „Кичевска котлина – сеоска насеља и становништво” од 1968 година. Ова име потекнува од 1923 година кога на тој камен на планината бил убиен селанец од Козичино, по име Јошко, од страна на арбанашкиот качак Сеадин од с. Зајас [2a]. Врвот Јошков Камен е висок 1917 метри надморска височина и тоа го прави втор највисок врв на масивот.

Кон врвот Јошков Камен
Кон врвот Јошков Камен

Четвртиот, т.е. најјужниот врв на масивот споменат погоре, во топографските карти е забележан под името Коњарник. Неговата надморска височина изнесува 1876 метри и со тоа претставува четврта највисока точка на целиот масив. Иако Ѓ. Петров го запишал под името Песјак, истоимено со веригата која се протега од Јошков Камен сѐ до југоисточните падини каде што завршува планинскиот масив, топонимот Коњарник е познат и сѐ уште се употребува кај жителите на околните села.  Називот Патеечки Коњарник го сретнуваме во книгата „Кичевска котлина...” при набројувањето на имињата на местата на потегот над с. Русјаци, коешто се наоѓа на јужните падини на планината Песјак. 

 

Како називи на четирите највисоки врвови на масивот Челоица-Песјак, според податоците од топографските карти, условно ги прифаќаме:

  • Добра Вода
  • Старци
  • Јошков Камен и
  • Коњарник.

Интересно да се спомене е дека во текстот погоре забележавме два топоними од различно јазично потекло, Ќафа и Челоица, коишто во основното семантичко значење претставуваат називи на различни делови од човековото тело. Овој податок нека послужи како доказ за блиската културната историја на народите коишто живеат на овој ареал. Тука ќе запреме и ќе оставиме простор за понатамошни, поисцрпни истражувања во иднина. Топонимите го претставуваат јазикот на земјата, зборуваат за културната историја на еден крај и од нив може уште многу да се научи.

Трансверзалско-Ендорфинскиот тим на Добра Вода
Трансверзалско-Ендорфинскиот тим на Добра Вода

За крај - благодарение на Планинарското друштво „Трансверазлец” од Скопје во соработка со Планинарското еколошко друштво „Ендорфин” од Кичево, највисокиот врв на овој планински масив, Добра Вода, конечно доби уредена планинарска патека од Кичевска страна, односно од с. Папрадиште. Се надеваме дека за скоро време нашата убава Челоица ќе го добие заслуженото внимание од страна на голем број истражувачи и љубители на природата.

Литература
[1] Петров, Ѓорче 1896. Материјали по изучувањето на Македонија. Превод, уредништво и предговор: Марио Шаревски. Скопје: Единствена Македонија, 2015, стр. 46
[2] Трифуновски, Јован 1968. Кичевска котлина – сеоска насеља и становништво. Скопје, стр. 43
[2а] ibid., стр. 17
[2б] ibid., стр. 7
Извори

731-3rec Porece Dobra voda.tif - Map of Makedonski Brod - 1 http://gis.katastar.gov.mk/arec/
Список на фотографии

Насловна фотографија, автор: Даниел Николоски
Група планинари на Добра Вода, автор: Елена Ванчоска Секулоска
Кон врвот Јошков Камен, автор: Бојан Велески
Трансверзалско-Ендорфинскиот тим на Добра Вода, без автор
Давор Јанкулоски, 28 цутар 2017
Превземено од: https://www.facebook.com/notes/davor-jankuloski/