3-221-350

Блог

Планинарска Ориентација

Ориентација June 18, 2017
img

Ориентација во просторот претставува одредување на страните на светот, односно наоѓање на основниот правец север – југ. Поконкретно ориентација во просторот е одредување на сопствената положба или одредување на сопствената стојна точка во однос на страните на светот или пак на некој друг објект, релјеф во просторот.

Ориентирањето во планина или планинарска ориентација претставува основа за соодветно и безбедно движење на планинарите.

Со цел развој и унапредување на знаењата, техниките и способностите во планинарската ориентација во современото планинарство на локално, државно и регионално ниво се организираат Планинарски Ориентациони натпревари.

Планинарски Ориентационен натпревар претставува натпревар во кој треба да се истакнат знаењата и вештинте за брза и успешена ориентација, движење и снаоѓање во просторот на непознат ридест или планински терен, преку употреба на топографска карта и компас од страна на натпреварувачите. Натпреварот е тест за психофизичката подготвеност на планинарите. Планинарските ориентациони натпревари се екипни (мин. три члена) и вклучуваат употреба на планинарска опрема како што е ранец, гојзерици, компас и др. Натпреварувачите се должни да користат соодветна планинарска опрема пропишана со критериумите за натпреварувањето. Екипите се натпреваруваат во три категории, Јуниори, Возрасни и Сениори, независно од полот на кандидатите.

Планинарската патека или траса кој е зададена на планинарско ориентациониот натпревар треба да се помине за однапред утврден временски период, а за секое пречекорување се добиваат казнени поени. Натпреварувањето може да биде дневно и/или ноќно. Контролните точки се однапред утврдени локации на теренот, кои ја формираат трасата на патеката. Истите се обележани на топографската мапа која ја користат екипите за натпреварувањето. Контролните точки се пронаоѓаат по редослед, а на теренот се обележани со ориентациони знамиња во црвено бела боја. Екипата која се натпреварува одговара на тестови и прашања од прва помош и спасување во планина, ориентација и топографија, врзување на јазли, читање на топографски карти со помош на компас, ориентирање без компас во ноќни и денски услови, одредување на азимут, врзување јазли. На така наречени “живи контролни точки” каде се поставени контролори, екипата го покажува и своето практично знаење и користење на техники во наведените области. Секое промашување или пак погрешен одговор донесува негативни поени.

Победник во натпреварот е онаа екипа која има освоено најголем број на поени од тестирањата практични и теоретски, најбрзо време на поминување на трасираната патека и најголем број на редоследно пронајдени Контролни точки.

Планинарските ориентациони натпревари се многу повеќе од натпреварување. Тие се тест за психофизичката издржливост на секој планинар и го стимулираат тимското натпреварување и значење на секој поединец во тимот. Преку овие натпревари се зголемува планинарското искуство, перцепцијата на просторот и осетот за ориентирање на непознати терени. Вклучуваат широк спектар на знаења на планинарите и споделување на искуства. Го потикнуваат секој натпреварувач континуирано да ги зголемува своите знаења во областа на планинарството, ориентацијата во просторот, топографијата а со тоа и придонесуваат и стимулираат континуиран личен развој на планинарите.