070-641-998 / 070-317-740 / 070-351-898

Најава за акција

02 Oct

Планинарски Предизвик „12 Врвови“   October 02, 2016 Планинарство

img

Македонија е земја чии што три четвртини од просторот се исполнети со планини, кои пак во себе кријат бескрајно голем број на природни реткости и убавини, извори, реки, езера, безброј цветови, дрвја и ретки растенија, многу приказни, преданија, историја. Со сето тоа Македонија со своите планини и врвови претставува преубав шаренолик мозаик на убавини од природен и културно-историски аспект, кои неминовно пленат да бидат посетени, истражени и уживани.

Имајќи ги предвид сите овие нешта, ПД „Трансверзалец“ во соработка и со поддршка на АЛГАСАН (спoртски пријaтел бр.1) и ЕДИНСТВЕНА МАКЕДОНИЈА, ве води на организиран целогодишен тематски планинарски предизвик за освојување на 12 врвови на планините во Македонија, посебни и специфични според своите карактеристики во природно-географски, културно-историски, биодиверзитетски поглед и значење. 

Планинарскиот предизвик наречен „12 врвови“ опфаќа искачување на 12 планински врвови, одбрани според своето специфично значење, на различни планини по целата територија на Македонија, во организирани еднодневни планинарски акции-походи еднаш во месецот во текот на целата година. Тематиката за искачување на 12 врвови во текот на една година може да биде одредена според: најголемата надморска височина на врвовите на одделните планински венци, ретката посетеност и познатост, природните географски одлики како поставеноста на леднички езера во нивните подножја, природните биолошки одлики како застапеноста на ретки и ендемични растенија и биолошки видови на нивните падини или пак според значењето кое врвовите го имаат во историјата, археологијата, културно-историското минато, народното творештво, приказни и преданија.

На планинарскиот предизвик „12 врвови“ може да се пријави секој полнолетен граѓанин и планинар, кој поседува добра физичка и психичка подготвеност за целодневни планинарски походи со просечна средна тежина, со уплаќање на учество во износ од 1200 денари (одеднаш или поединечно по акција). Во стартниот пакет секој пријавен учесник на планинарскиот предизвик „12 врвови“ ќе добие книшка со список на 12 врвови предвидени за искачување во текот на годината со место за датум, потпис и печат за успешно искачување на врвот и маица со логото на планинарскиот предизвик. За успешно исполнет предизвик со искачување на сите предвидени 12 планински врвови секој учесник ќе добие значка и признаница со логото на предизвикот и еден примерок од книгата „Материјали по изучувањето на Македонија“ напишана од македонскиот револуционер Ѓорче Петров во 1896 година, која во голем дел ги опфаќа, опишува и обработува планините, врвовите, релјефот и природата на Македонија.

Исполнувањето на предизвикот ќе се остварува преку учество на организираните планинарски акции за искачување на врвовите, а оние кои што се пријавиле, а во одреден период нема да бидат во можност да присуствуваат на конкретна акција, ќе имаат можност до крајот на годината да ги искачат врвовите и да приложат доказ – слика од искачување, по што ќе добијат од специјалниот печат во книшката за искачени врвови. 


Прва предвидена акција во рамки на предизвикот “12 ВРВОВИ” е акцијата за искачување на врвот Лисец (1.934 мнв) на падините на планината Голешница. 

Голешница е средновисока планина во средишниот дел на Македонија. Всушност му припаѓа на источниот дел од масивот Мокра Планина, но од него е морфолошки одвоена. Се наоѓа помеѓу горните делови од речните долини на Кадина Река и Тополка, со правец на протегање запад– исток. Зафаќа површина од 197 км2. Највисока точка е врвовот Лисец (1.934 м).Карактеристичен врв кој е ретко посетуван од љубителите на планината. 

Стартот на акцијата ќе започне од мотел Принц.

Искачувањето е предвидено за 02.10.2016 (Недела)

Поаѓање е во 06:00ч на паркингот кај ПТТ (Железничка станица). 

Секој учесник мора да има соодветна психофизичка подготвеност за искачувањето и учествува на сопствена одговорност. Храната е од ранец, потребна е опрема согласно временските прилики, најмалку 1.5л вода.

Напомена: Оваа акција спаѓа во категорија Средно тешка. Искачувањето е 4 до 4,5 часа и 4 часа за симнување. Вкупно траење на акцијата од 8 до 9 часа.

Цена на поединечна акција е 400 ден. Во цената се вклучени средствата за учество во предизвикот -100 ден од акција, како и средства за превозот, организацијата и водството. За оние кои ќе дојдат со сопствен превоз цена е 200ден.


Пријавување најдоцна до 30.09.2016 (Петок) на тел 070/641-998 Зоран Костадинов.

Уплатите може да се извршат во продавницата пред студентскиот дом Кузман Јосифовски Питу секој ден до 21.30ч.

ВЕ ОЧЕКУВАМЕ, ЗАЕДНО ДА ГИ ИСКАЧИМЕ, ИСТРАЖИМЕ И УЖИВАМЕ НА
ВРВОВИТЕ НА МАКЕДОНИЈА!

Facebook Event


ПРЕБАРАЈ АКЦИИ

Статус на акции

  • Идна акција
  • Тековна акција
  • Измнината акција