070-641-998 / 070-317-740 / 070-351-898

Блог

Од дневникот на една планинарка - Лисец

Планинарство April 30, 2017
img

Викендов беше резервиран за предизвикот „12 Врвови“ кој го организираат мојот драг пријател Марио и планинарското друштво „Трансверзалец“. Овојпат бевме на врвот Лисец, највисокиот врв на западните гранки на Осоговo, кој се извишува над Кратовско и Кривопаланечко и чија надморска височина изнесува 1.526 метри. Врвот е лесно достапен, но патот досега не ме однел натаму, па ова ми беше прва прилика да го посетам. Пред поаѓање се собравме огромна група на луѓе во селото Псача, од каде и започна искачувањето. Дел од нив ми се стари пријатели кои многу ги сакам и почитувам и со кои се видов и поздравив со голема радост. Секако, на сите тури запознавам и нови луѓе, кои се со желба да започнат со планинарење и во чии очи го гледам ентузијазмот и возбудата што сум ја чувствувала и самата јас кога почнав да го правам ова.

На самиот старт имавме прилика да го видиме прекрасниот манастир св.Никола, кој подоцна дознав дека датира од четиринаесеттиот век и кој е опколен со прекрасна природа и огромни дрвја. Искачувањето започна низ шума, а времето беше идеално, без ниедно облаче на небото. Во групата беа и дел од моите пријатели со кои годинава заедно ја минавме Првата Македонска западна трансверзала, со кои евоциравме спомени од сите згоди и незгоди што ни се случуваа таму и со кои делам една заедничка приказна што сите силно не поврзува, поради што и толку многу ги ценам и почитувам.

Дабовата шума низ која се движевме беше прекрасна, а самото искачување е без некој поголем напор, па додека се движев размислував за тоа дека кога ќе го пишувам текстот ќе напоменам дека оваа тура е идеална за почетници кои сакаат да поминат некој ден на планина, а кои се’ уште не се сигурни во својата физичка спремност. Како и секоја тура, така и овојпат си дозволив да се оддалечам од групата и да се движам сама барем на кратко, за да ја почувствувам природата, звукот на ветрот и живиот свет кој живее таму и повторно да дојдам до заклучокот дека веројатно само во овие моменти ја чувствувам целосната слобода, без да ме мачи ниеден проблем, без да имам било каква дилема и грижа, како целиот товар да останал долу во градот, а се’ што носам на мене е малото ранче со шише вода, храна и топла облека. На врвот пристигнав меѓу првите, па тоа ми даде можност да влезам и да се засолнам во малото прекрасно црквиче кое се наоѓа таму, бидејќи како и секогаш планината е тука да не потсети дека нема само убава страна и дека знае да биде и сурова, овојпат со силниот ветер што мислевме дека ќе не одвее.

Откако фативме убаво место и се затскривме од ветрот, со Васко и Војо си направивме убава гозба, со многу смеење и планови за трансверзали што сакаме да ги одиме, а ветрот постепено се намалуваше или ние престанавме да му обрнуваме внимание. На симнување застанав да си прилегнам во шумата и да гледам во едно разгрането дрво чии листови потсетуваа на милион мали ѕвезди на небото. Од таа причина и пристигнав долу малку подоцна од останатите, но се надевам дека Цаци и Боби не ми замерија.

Турата заврши во паркот Гиновци, каде за жал немаше место да не собере сите и моравме да се поделиме на повеќе маси, но секако знаевме дека во многу скоро време повторно ќе се дружиме, па тоа не претставуваше некој голем проблем. Иако турата не беше многу тешка и не налагаше некој голем физички напор, ми го исполни срцето бидејќи видов многу од луѓето со кои со години неуморно шетаме по планините и ја делиме оваа наша заедничка љубов.

А по прекрасно минатиот ден, стигнав дома и отворив да читам некои стари пораки и преписки со еден другар, во кои тој ми кажува дека му било многу интересно што тој ден кога сме биле на планина сум била постојано насмеана, на што мојот одговор бил:

„Всушност, не знам кога сум била тажна или тмурна кога сум во природа. Невозможно е. Затоа мислам дека треба да живеам таму. Не како тренд. Не како потреба да бидам посебна. Туку како потреба да бидам вистински среќна. Само тогаш и таму сум вистински среќна“.

Автор: Калина Велевска 
Превземено од http://mis.com.mk/