Ориентир по дефиниција значи предмет или знак што служи за ориентација. Ориентирање во просторот или ориентација на земјиштето со помош на ориентири се поврзува со топографската и тактичката ориентација.
Топографската ориентација најчесто следува по географската ориентација кој се состои во одредување на страните на светот. Топографската ориентација подразбира запознавање на околните топографски и други објекти и детали на земјиштето. Најчесто се спроведува со споредување на содржината на топографската карта со соодветните геогравски елементи на земјиштето, а во отсуство на топографска карта со одредување правци на карактеристични објекти на земјиштето во однос на страните на светот и одредување на растојание до тие објекти кои потоа се користат како ориентири за различни потреби.
Тактичка ориентација се користи најчесто во спортски или воени цели и активност. Овој вид ориентација се состои во проценка на сопствената положба во однос на распоредот на дејствата и задачите на “конкурентските” позиции. Имајќи ги предвид географската и топографската ориентација се одредува што се знае за “другите”, нивниот распоред со цел да се избере сопствена тактика и начин на постапување. Ориентацијата како единствен и комплексен процес мора да се врши постојано со цел во секое време секој да знае каде е, каде треба да оди и што треба да направи.
Доколку се движиме по одредено земјиште кое ни е познато или непознато и притоа сакаме да извршуваме конкретна активност како на пр. определување на сопствената местоположба и правци на движење, покажување и пронаоѓање на објекти или други цели, движење во конкретен правец, неопходно е да користиме ориентири.
Ориентирите можат да бидат разновидни статички објекти, карактеристични објекти и детали на земјиштето. Изборот на ориентири, зависи од времето и просторот во кој се изведува одредена активност. На пример доколку се наоѓате на планина како ориентири најдобро е да се користат доминантни врвови и возвишенија, карактеристични превои, маркантни дрвја, карпести отсеци и ред други топографски објекти и детали. Во ноќни услови како ориентири најчесто треба да се бараат такви објекти кои можат да се проектираат на небескиот свод. Во зима кога земјиштето е препокриено со снег како ориентири најзгодно е да се бараат разни отсеци, карпи, одрони итн., односно објекти на кои снегот не се задржува и најчесто се темни, како и објектите кои се карактеристични и покрај снежната покривка. За одржување на правецот на движење како најсоодветни ориентири се линиските објекти (патишта, реки, гребени, бандери, долини и сл.) и разни други објекти лоцирани покрај нив. Наведените ориентири особено треба да се користи ако сте изгубени во непознат планински простор. Во праксата најдбро е да Ориентирите бидат избирани од страна на искусни планинари или Планинарски водачи.