Искачувањето на врвот Кабаш (2391 м.) од јужната страна и падина е најкратката патека и (според мене) најдобриот пристап за негово искачување, со должина од речиси 6 километри во правец и нешто помалку од вкупно 12 км, започнувајќи од селото Нивиште. Патеката започнува од селото каде има обележани планинарски маркации (кои набрзо се двојат кон десно-североисток за Корабскиот водопад и Пралуга) и движејќи се кон северен правец низ падина на дол многу густо обраснат со бодликави грмушки, шипје, трња, смреки преминува преку долот со поток и се навлегува и минува низ густата букова Кабашка Шума (каде ни претрча мажјак - срндак) од каде се излегува на гребенот кој се протега во северен и северозападен правец при што завршува право на самиот врв. Сртот на овој гребен е доста стрмен и наместа со карпи, при што исклучителна внимателност е потребна минувајќи во јужниот кулоар во кој покрај исклучителната стрмнина (со наклон и до 65°) потребно е со искачување со внимателен зафат да се поминат 2 метри преку камен засек помеѓу 2 помали карпи, за што во сончеви и суви услови не е потребна никаква опрема (ние носевме јаже за секој случај но не го употребивме), додека при влажни и дождливи и услови може да е опасно, додека во зимски и снежни услови најверојатно е потребна опрема и искачување со наврска на сидриште, бидејќи поради искчучителната стрмнина на овој кулоар и јужната поставеност тој претставува лавинско подрачје со одрони на снег. Но, покрај тоа, од моето лично искуство од искачување на Кабаш и од северната страна и кулоар од кај соседните врвови Рибничка Скала (на исток) и Црвен Камен/Гури Куј (на запад), оваа јужна страна и кулоар се најпогодни за искачување бидејќи до самиот врв се нуди пристап по речиси целосно тревнат терен.
Патеката (уште од претходно) е делумно обележана со црвено-бели планинарски маркации, стрелки и ознаки направени со спреј кои ги има само до крајот и излезот од шумата, а кои поради слабата видливост ние ги повторувавме со наш спреј, кој за жал ни пукна на карпите и не успеавме целосно да ја обележиме патеката до самиот врв Кабаш. На враќање во селото сретнавме повратник-мештанин кој гради нова куќа која ја планира да биде и како угостителски објект и кој рече дека до пролет убаво ќе се расчисти пределот низ кој минува патеката од селото до долот, а ние планираме во мај да одиме и да ја бележиме оваа и уште една патека за Чапарец на спротивната страна
Технички податоци:
должина: 12 км (6 км во правец)
времетраење: 7-8 часа (4:30 речиси 5 часа искачување)
вкупна висинска разлика: 1692 метри
https://my.viewranger.com/track/details/MTcxMTkwNTg=
КАБАШ (јужна страна-Нивиште).gpx