070-641-998 / 070-317-740 / 070-351-898

Блог

Четири централни врва на Шар Планина

Природа April 30, 2017
img

Четирите централни врвови на Шар Планина се на десната страна на реката Пена. Врвовите се спуштаат стрмно кон реката, што ги прави тешко достапни од таа страна. Трите врва Плат (2398 мнв), Среден камен (2465 мнв) и Безимен-Кривошиски врв (2511 мнв), се сртови на Титов врв (2747 мнв) и затоа се скоро непосетени од планинарите. Четвртиот врв е Црн врв (1933 мнв), во близина на планинарскиот дом „Јелак“ и до него е маркирана патеката, така да сега кон него веќе ги има планинарите.


Црв Врв (1933 мнв) снимен од шатот за Лешница

До Црн Врв се доаѓа преку Попова Шапка кој е на 65 км на запад од Скопје и на 24 км, на север од Тетово. Патеката е маркирана и води преку срушениот планинарски дом „Јелак“, се стигнува за 1 час по бандерите за струја или по автомобилскиот пат. Се соединуваат кај Црн Камен каде има убав поглед и до Јелак се оди по патот. Можно е и по заобиколен пат над бачилата шипковички, преку Црвен камен, Врело (многу студена вода) и се стига за 1 час и 20 минути до планинарскиот дом „Јелак“ каде исто има вода за пиење. Од Црвен камен се пружа прекрасна глетка према Јелак и блиската околина према реката Пена и високите врвови. Од Јелак се продолжува по автомобилскиот пат, се оди кон Видиковец и Студена река до седлото 1 час, пред Црн врв, каде има и ловечка чеха и хранилица. Од тука по самиот гребен води маркирана патека до Црн врв (1933 мнв), се стига за 1 час од седлото. Врвот не е многу висок, северната страна е стена, јужната е тревната и многу стрмна, но од него се гледа целата долина на реката Пена со околните високи врвови Кучибаба (2551 мнв), Црн Врв (2585 мнв), Кобилица (2528 мнв), Вртоп (2555 мнв), Караникола (2409 мнв), Титов врв (2747 мнв), Церипашина (2531 мнв) и Плат (2398 мнв).

Попова Шапка - Јелак 1 час. 
Јелак - Стрударек - Седло 1 час. 
Седло - Црн Врв 1 час, или вкупно 3 часа од Попова Шапка. 

Вториот врв по висина е Плат (2398 мнв), сместен е на север од Попова Шапка помеѓу Горна Лешница и на север реката Пена, а на југ Казаните, се пешачи 3,5 часа од Попова Шапка, по маркирана патека и по автомобилскиот пат до Црн Камен (кај се дели патот за Јелак), а од тука само по автомобилскиот пат до пред бачилото „Церипашино“, кај ќе бидете поканети да пробате првокласно сирење и овчо кисело млеко (немојте да го пропуштите ова задоволство од љубезните мајстори - бачови, може да се налутат). Во долот пред бачилото се одвојува козја патека кон седлото на Горна Лешница и врвот Плат. Се оди по сртот на 2148 мнв над бачилото, се стигнува за 45 мин. до 1 час до седлото и уште толку до врвот. Патеката е маркирана и лесна за ориентација. Од седлото до пред бачилото и пред Горна Лешница се пружаат убави пејсажи, а од врвот се прават можеби најубавите фотографии од сите страни опколен со врвовите на Шар Планина.

Врвот Плат (2398 мнв)
Врвот Плат (2398 мнв)

Третиот врв е Среден камен висок 2465 метри, сместен под Титов рв (2747 мнв), и помеѓу Долна и Горна Лешница и Кривошиска река, со изразит карпест врв и јужната страна со стрмни пасишта. Во неговите стреи во 1983 год. трагично загина алпинистот Панта од Драчево, член на ПД „Китка“ од Драчево искачувајќи го во зимски услови. Овој врв е најсликан од Долна Лешница, но од самиот врв немаме сретнато слика а и ретки се планинарите што го имаат искачено.

Поглед од Среден Камен кон Титов Врв (2747 мнв)
Поглед од Среден Камен кон Титов Врв (2747 мнв)

Качувањето може алпинистички од три страни, а планинарски само од седлото према Титов врв кој е на 2263 мнв. До него се доаѓа од Титов врв и од Горна Лешница, се пешачи од Попова Шапка до седлото на Горна Лешница 2,5 часа и уште толку до самиот врв, значи вкупно 5 часа. По макадамскиот пат до бачилото Церипашино 2 часа, се качува до седлото 45 мин. се спушташ 30 мин. до Горна Лешница, 1 час до седлото (2263 мнв), и уште 1 час до врвот Среден камен (2465 мнв). Може и од Долна Лешница преку Горна Лешница и преку седлото за 3 часа, а преку Кривошиска река за 4 часа. Најдобриот пат е од Титов врв (2747 мнв), се спушташ до сртот 1 час на север, и од седлото уште 2 часа до врвот. Од Горна Лешница до врвот се надевам дека ова лето ќе биде маркиран патот.

Безимен врв (Чичко Јосиф) 2511 мнв
Безимен врв (Чичко Јосиф) 2511 мнв

Под изворот на реката „Смрека“
Под изворот на реката „Смрека“

Нашиот нов планинарски дом кај изворот на реката „Смрека“
Нашиот нов планинарски дом кај изворот на реката „Смрека“

Четвртиот централен врв на Шар Планина е највисок и Безимен висок 2511 метри. Ние во викаме врвот Чичко Јосиф во спомен на нашиот прекрасен домар во планинарскиот дом „Јелак“, некаде се сретнува и како Кривошиски врв по езерата сместени под врвот. Негостољубив врв сместен помеѓу две реки Пена и Кривошиска река доминира по централниот дел на Шар Планина. Сликан е само од Титов врв и од Долна Лешница. Пристап од Долна Лешница по Кривошиска река и над големиот водопад се врти десно по стрмна падина до седлото на 2400 мнв. а од тука за неполн половина час се стигнува до врвот или вкупно 3,5 часа од Долна Лешница. Од Попова Шапка се стига преку Титов врв и Мал Турчин за 7 часа, а преку Горна Лешница - Кривошиска река до врвот за околу 7,5 часа. Патеките не се маркирани. Врвот е надвор од планинарските маршрути и затоа за него малку се знае и нема фотографии од врвот. Се надеваме дека наскоро ќе имаме фотографии и патеките ќе бидат маркирани од ДПС „Трансверзалец“.