На 08 Мај 2016 ДПС Трансверзалец од Скопје организираше искачување на врвот Голем Крчин(2.341м) кој се наоѓа на планината Крчин. Крчин е планина во Западна Македонија и Албанија која се наоѓа во продолжение на планината Дешат и е дел од поголемиот венец Шара-Кораб-Дешат-Крчин-Стогово-Караорман. Минибусот со група од 30-на планинари пристигна во с.Ростуше (720м) во 8.30ч. По кратките подготовки, акцијата започна и од с.Ростуше се упативме кон с.Битуше, продолживме нагоре, по пат се до месноста Драга (1130 м) - ширoка ливада со фудбалско игралиште и една напуштена караула од десната страна. Караулата ќе стане нов духовен центар. Во нејзините руини ќе никне младински духовен центар, а до неа веќе се поставени темели за нова црква посветени на сесловенските просветители Кирил и Методиј. Од ливадата кај Драга се отвори импресивен поглед кон Крчинска Краста(карпа) - Голем Крчин(нашата цел) е позади оваа карпа. Од ливадата патеката оди прво покрај поточето Битушка река. Продолжуваме низ убавата букова шума и попатно на висина од 1.530м излегуваме на Џинова ливада на која има и чешма. Патот продолжува низ шума, малку низ ливада, наизменично. Постојано пред нас се издига огромната карпеста громада - Крчинска Краста која го затскрива главниот врв. На височина од 1.850 м завршува монотониот шумски пејсаж и се отвара прекрасен високогорски предел - зелени ливади - карпести врвови - сино небо –снежни остатоци- и Крчинскиот врв Рудина(2.238м). Патот продолжува по изохипса на висина од околу 1.850-1.880м. Патот води на мала црквичка Св. Недела (изградена како замена за срушената црква на врвот Голем Крчин - посветена на Пресвета Богородица). Од црквата почнува стрмното искачување и најтешкиот дел од акцијата да се стигне до врвот Голем Крчин. Врвот беше искачен од Јужна страна по стрмни падини на места прошарани со снежни јазли, овој дел од патеката беше и технички најспецифичен за искачување се до врвот. Првите учесници на акцијата стигнаа на врвот околу 12.30ч. Идеалното сончево време во текот на целиот ден ни овозможи неизмерно уживање во убавините што не опкружуваа. Не премногу силниот ветер кој се појави на врвот не претставуваше пречка за уживање. Врвот нуди воодушевувачки поглед на Кораб, цела Шар Планина, Бистра, Проклетије, Пелистер, Караџица, Дебарското езеро и Јабланица, Охридско езеро и Галичица Дрим во Албанија итн. Враќањето е по истата патека и во 17.00ч пристигнавме на ливадата Драга. По пристигнување во с.Ростуше дел од екипата одлучи да го посетат Дуфскиот водопад кој се наоѓа на 20 мин одалеченост од селото Ростуше. Додека другиот дел од екипата уживаше во локалното ресторанче во с.Ростуше. Акцијата заврши во 19.00ч со поаѓање на автобусот за Скопје. Благодарение на совршеното време кое е привилегија при искачување на елевација од 1.600 метри надморска височина, одличната екипа и ведриот дух, искусивме незаборавна и инспиративна средба со сета убавина на импресивниот Крчин. Фотографии на Мирко Даневски, Снежана Бошковска, Тина Блажевска, Мирјана Накич, Ирена Голчева, Горан Богдановски