На 24.04.2016 ДПС Трансверзалец ја организираше планинарската акција за искачување до Корабски Водопад со старт од с. Рибница. Корапскиот водопад (Пројфелски водопад) е водопад во горниот тек на Длабока Река на планината Кораб. Се јавува во пролетните месеци од топењето на снегот на источната страна на врвот Мал Кораб. Патеката од с. Рибница до Длабока река се одвива по следната маршрута: с.Рибница 1000 мнв – Попова Ливада – превој Пралуга- Длабока река и претставува една од најживописните патеки во земјава. Вкупната должина е околу 25 км. Лошата временска прогноза не спречи околу 70 планинари да се приклучат на предвидената акција. Акцијата започна со старт во 8ч. од с.Рибница (970 мнв). Времето беше врнежливо но со слаб интензитет и пријатно за пешачење се до попатната точка која се наоѓа на Попова Ливада. На оваа точка групите правеа кратка пауза и продолжуваа до следната карактеристична точка превојот Пралуга каде поради зголемувањето на надморската височина почна да се чуствува намалување на температурата а и се зголеми интензитетот на дождот. Највисокта точка на оваа акција е карактеристичната карпа под врвот Рибничка Скала. На оваа точка по одлука на водичите поради лошото време, дождот премина во снег, како и поради лизгавоста на теренот и големите снежни јазици, донесе одлука да тоа биде и последна точка на акцијата на височина од 1.940мнв. По одморот на групите, започна враќање по истата патека кон с.Рибница. Надојдената магла само на моменти се расчистуваше и дозволи поглед кон импресивната долина на Длабока река. На оваа акција беа изминати вкупно 18 км наместо предвидените 25, со надморска разлика од 1.000м. Акцијата стартуваше во 8 ч., заврши во 16ч. Специфичните временски услови на акцијата претставуваа добра основа за проценка и тест на личната физичка и психичка подготовка на секој поединец кој учествуваше во акцијата како и тест на соодветноста на планинарската опрема. Во текот на прeстојните пролетни месеци ДПС Трансверзалец повторно ќе организира планинарска акција за искачување до Корабски Водопад. Фотографии преземени од Зоран Илиевски, Ташко Ајановски, SHBE Shkupi, Снежана Бошковска, Јасмина Стевановска.